Истражувачи од Универзитетот во Кордоба во Шпанија направија прототип на „цинк-воздушна“ батерија на полнење во која витаминот B12 има улога на катализатор. Според универзитетот, батеријата издржала до 250 циклуси на полнење и празнење.
B12, познат и како кобаламин, во средината на молекулата содржи кобалт, кој ги поттикнува електрохемиските реакции во батеријата. Проблемот е што витаминот лесно се раствора во вода, а овие батерии работат со електролит на водена основа, па тимот го прицврстил на јаглеродни „наноцевки“. Според авторите, начинот на поврзување го имитира процесот со кој аминокиселините се поврзуваат во протеините.
Кај батериите на полнење катализаторот мора да работи во двете насоки. Според истражувачот Антонио Хесус Фернандез Ромеро, B12 при празнењето ја поттикнува реакцијата во која кислородот се претвора во вода, а при полнењето помага повторно да се создаде кислород.
Ова е трет пат групата користи биолошка молекула како катализатор, по батериите со хемоглобин и каталаза. Универзитетот наведува дека новото кај B12 е што батеријата може да се полни, а го опишува и како прва употреба на витаминот како катализатор во батерија на полнење.
Прототипот е уште еден обид за замена на литиум-јонските батерии, чиишто суровини носат економски, социјални и еколошки проблеми. Кај „цинк-воздушните“ батерии цинкот е изобилен и се рециклира, а кислородот го земаат од воздухот, па не мора да го носат во себе и се полесни. Поради ова тие се промовираат за користење во мали уреди како слушните апарати, а електролитот на водена основа не е запалив.
Сепак, 250 циклуси не значи 250 целосни полнења. Според анализата на XenoSpectrum, која ги пренесува податоците од трудот, секој циклус траел по 6 минути празнење и полнење и користел само мал дел од капацитетот на батеријата. Соопштението на универзитетот пак нема податоци ни за капацитетот и моќноста, ни за тоа како прототипот се споредува со постојните катализатори.
Трудот е објавен во Journal of Materials Chemistry A, а универзитетот смета дека вакви батерии би можеле да помогнат во поевтино складирање на вишокот енергија од обновливите извори. Засега тоа е далечна можност, како и кај натриум-јонските батерии што се тестираат како поевтина замена.
Не е познато кога и дали технологијата ќе излезе од лабораторијата.






































