Apple веќе започна со тестирање на iOS 27.2, кратко по пуштањето на финалните верзии од системите за сите корисници, а интересно е што директно отидоа на .2 верзијата, наместо прво на .1.
Првата бета верзија на iOS 27.2 ја вклучува целосно редизајнираната Health апликација која користи Apple Intelligence за генерирање персонализирани здравствени насоки.
Apple ја најавија новата верзија од Health со претставувањето на новите Apple Watch уреди, па сега корисниците ќе имаат шанса и да ја тестираат, односно првично програмерите.
Според информациите, овие функции моментално се тестираат и нема да бидат достапни при првичното пуштање на iOS 27.2, туку ќе бидат пуштени во употреба постепено, подоцна оваа година.
Системот ги користи податоците и метриките собрани од Apple Watch за да создаде приспособени препораки кои континуирано се прилагодуваат на секој корисник и неговата активност.
Главниот новитет е делот за увиди кој нуди резиме на актуелни информации, како што се податоците за сонот или новите достигнувања кај максималната потрошувачка на кислород. Овој сегмент вклучува и лични насоки каде што системот може да предложи конкретни промени во вежбањето, на пример вклучување на интервални тренинзи доколку корисникот работи на кардио активности.
Дополнително, новите модели на Apple Watch воведуваат систем кој пресметува оценка за подготвеност од нула до десет. Овој резултат се базира на неодамнешната активност, виталните знаци и сонот, по што апликацијата им сугерира на корисниците дали се целосно подготвени за тренинг, дали треба да го намалат темпото или им е потребно закрепнување.
Во апликацијата е додаден и нов сегмент посветен на долговечноста кој ги проценува податоците од телефонот и часовникот низ повеќе категории, вклучувајќи го здравјето на срцето, менталната благосостојба, слухот и исхраната.
Оваа функција пресметува здравствена возраст споредувајќи ги биомаркерите на корисникот со неговата вистинска возраст за да покаже кои навики имаат најголемо влијание.







































