Компанијата зад интернет прелистувачот Vivaldi ја објави верзијата 8.0, која претставува најголемо освежување на корисничкиот интерфејс во последните неколку години.
Главниот фокус на Vivaldi 8.0 е новиот дизајн наречен „унифициран“ (Unified), кој има за цел да го направи прелистувачот покохезивен и полесен за користење. Наместо досегашниот пристап каде интерфејсот функционираше како збир на одделни компоненти, новата верзија ги отстранува суптилните граници помеѓу „табовите“, лентите со алатки и разните панели.
Со овој концепт, сите ленти со алатки сега се сместени на една континуирана површина која го опфаќа целиот прелистувач. Според најавата од компанијата, отстранувањето на изолираните слоеви овозможува попрецизно порамнување на елементите, понамерно распоредување на просторот и подиректна интеракција за корисниците.

Промените се однесуваат и на начинот на кој функционираат темите, кои сега се протегаат преку целиот прозорец без прекини. Позадините на прелистувачот веќе не се ограничени само на одредени делови, туку преминуваат од лентата со јазичиња преку панелите, создавајќи континуирано визуелно искуство каде темите целосно се претопуваат во работниот простор.
И покрај значајните промени во дизајнот на интерфејсот, компанијата останува доследна на својата политика во однос на новите технологии. Додека поголемиот дел од ИТ индустријата масовно интегрира системи базирани на вештачка интелигенција, Vivaldi свесно одлучува да не додава вакви функции во својот прелистувач.
Од компанијата сметаат дека во време на глобално прифаќање на овој тренд, потребно е да се забави и да се стави приоритет на приватноста, интелигенцијата на корисникот и контролата над сопствените податоци.
Оваа надградба ја потврдува насоката на Vivaldi кон обезбедување приспособлива алатка за корисниците, со акцент на почитување на нивното време и преференции. Верзијата 8.0 нуди променета визуелна структура, но ги задржува основните принципи на кои се темели прелистувачот, оставајќи им на корисниците поголем избор и контрола над нивното искуство при прелистувањето.





































