Долгоочекуваниот влез на Apple во светот на паметните телефони на преклоп веќе со години е тема на бројни шпекулации, но најновите информации кои пристигнуваат од неофицијалните извори сугерираат дека компанијата не брза само за да биде присутна на пазарот, туку за целосно да го редефинира корисничкото искуство.
Наместо да се фокусира само на естетиката и механизмот на шарките, Apple својот главен адут го сместува во внатрешноста на уредот.
Според најновите информации, првиот iPhone на преклоп ќе дебитира со досега најдобра издржливост на батеријата која би можела да ги засени сите моментални премиум модели, вклучувајќи ги и оние од серијата Pro Max.
Наводно батеријата ќе има капацитет од најмалку 5,500 mAh, односно и досега се најавуваше дека iPhone Fold треба да се очекува да има батерија со капацитет од 5,400 до 5,800 mAh.
Оваа карактеристика е можеби една од само неколку клучни карактеристики за успех на пазарот, а посебно за уредите кои се отвораат во мали таблет компјутери.
Засега нема информации, но изгледа дека Apple од оваа година ќе почне да ја користи поновата технологија за батериите кој доаѓа со поголема густина, односно поголем капацитет без зголемување на димензиите.
iPhone Fold се очекува да биде претставен во септември со iPhone 18 Pro серијата, додека основните iPhone 18 наводно можеме да ги очекуваме дури на почетокот од идната година.










































