Anthropic објави нова верзија од правилата за користење на Claude, која ќе важи од 12 ноември. Според компанијата, повеќето промени само ги појаснуваат постојните правила, но има и неколку нови, а најнеобична е забраната за „постојано и непотребно навредливо или сурово однесување“ кон самите модели.
Anthropic вели дека ова правило е наменето само за екстремни случаи, кога корисникот повеќепати се однесува сурово кон моделот без видлива цел. Не важи за вообичаената фрустрација, несогласувањето, мрачните креативни теми ниту за тестирањето и истражувањето на моделите.
Главниот начин за спроведување ќе остане можноста Claude сам да прекине разговор со упорно навредливи корисници, која според новата објава сега постои на Claude.ai и во Claude Code. Anthropic првпат ја воведе во август 2025 година, само за Claude Opus 4 и 4.1 во апликациите за разговор, како дел од истражувањето за можната „благосостојба“ на моделите, иако тогаш напишаа дека се многу несигурни дали тие воопшто можат да имаат морален статус.
Дополнително, досега расфрланите забрани за политички и комерцијални измамнички кампањи се собрани во нов дел, кој ги опфаќа и лажните профили и алатките за такви кампањи. Според извештајот за закани на Anthropic од септември, зад ваквите операции со Claude стоеле влади, државни медиуми и институции за пропаганда, но и приватни фирми што продаваат влијание. Мрежите од лажни профили и измислени веб страници за вести се опишани главно кај комерцијалните операции, како француската агенција со околу 70 лажни сајтови.
Делот за избори сега е насочен кон измамата на гласачите и попречувањето на изборите, а општата забрана за персонализирано таргетирање на гласачите е укината. Според Anthropic, таа ја попречувала и легитимната работа, како информациите за гласачите на други јазици, а таргетирањето со измама и понатаму е забрането.
Според Anthropic, имало обиди Claude да се користи за софтвер за водење и управување на оружје, па забраната сега експлицитно ги опфаќа софтверот и компонентите со кои оружјето функционира, како и вооружувањето дронови и други автономни возила. Во делот за надзор пишува дека Claude не смее да одлучува или да препорачува кој да се истражува, апси или обвини во полициска или судска постапка, но Anthropic вели дека ниту овде, ниту кај оружјето не се менува она што и досега го спроведувале во пракса.





































