Корисниците на iPhone и компјутери со Windows наскоро ќе добијат можност за директно и континуирано копирање на текст и друга содржина помеѓу двата уреди. Apple работи на развој на оваа функција како одговор на барањето поднесено од страна на Microsoft, користејќи го системот за интероперабилност кој Apple го воведе за усогласување со Законот за дигитални пазари на Европската Унија.
Евалуацијата на барањето започнала во март, додека официјалниот проектен план бил предложен кон крајот на јуни.
За крајните корисници, ова значи дека ќе можат да пренесуваат содржини од својот паметен телефон директно на компјутерот и обратно, без потреба апликациите да бидат отворени во преден план и без повторувачки рачни чекори.
Решението на Apple ќе овозможи споделување и донесување на податоците од привремената меморија кон поврзан надворешен уред преку еднократна дозвола за пристап, користејќи систем сличен на оној за известувања кај уреди за носење од трети страни, воведен во Европската Унија со верзијата iOS 26.5.
Иако Apple веќе нуди универзално копирање и лепење помеѓу сопствените уреди со iOS и macOS, Microsoft наведе дека тековните ограничувања ја спречуваат постојаната позадинска синхронизација со компјутерите и другите поврзани уреди.
Очекувано од Apple истакнуваат дека имплементацијата на оваа функција претставува значаен инженерски зафат кој се очекува да биде завршен до есента 2027 година. По првичното тестирање преку развојните бета верзии, јавната достапност би можела да се очекува на почетокот на 2028 година.
Функцијата најверојатно ќе биде ограничена за корисниците во Европската Унија, иако компанијата во минатото дел од промените наложени со европската регулатива ги примени и глобално, како што беше случајот со преносот на eSIM и поедноставениот пренос на податоци помеѓу уреди со Android и iPhone.









































