Microsoft започна со тестирање на нов, модернизиран прозорец за својства (Properties) во File Explorer, кој треба да го замени досегашниот дизајн базиран на класичниот Win32 систем. Оваа промена, која е забележана во најновите тест верзии на Windows 11, претставува обид да се реши проблемот со фрагментираниот кориснички интерфејс, за што од компанијата со години добиваат критики.
Досегашниот прозорец за својства се потпираше на основен код кој е дел од системот речиси три децении, поради што не поддржуваше модерни функции како што е темниот режим на работа, а и изгледа лошо, кратко кажано.
Windows 11 е познат по тоа што иако дојде со целосно нов кориснички интерфејс, голем дел од елементите низ системот се со стар дизајн.
Новиот интерфејс е целосно изграден со помош на работната рамка WinUI 3. Тој ги следи актуелните дизајнерски насоки на оперативниот систем, вклучувајќи заоблени агли, модерни полиња за избор и нов стил на навигација низ јазичињата.
Според првичните прикази забележани од независни истражувачи, новиот изглед моментално е видлив при преглед на својствата на корпата за отпадоци, која содржи само едно основно јазиче.
Целосната имплементација на овој дизајн претставува сериозен технички предизвик поради потребата од задржување на компатибилност. Голем број програми од трети страни, како што се антивирусни софтвери, алатки за архивирање како 7-Zip и сервиси за облак складирање како Dropbox, додаваат свои „табови“ директно во класичниот прозорец за својства. За да не дојде до прекинување на нивната функционалност, компанијата развива решение кое ќе овозможи овие постари екстензии непречено да се вчитуваат и прикажуваат внатре во новиот интерфејс.
Овој потег е дел од пошироката иницијатива за обединување на интерфејсот и отстранување на старите елементи од системот. Покрај прозорецот за својства, се тестира и модернизирана верзија на алатката „Run“, на пример, која добива освежен изглед и според првичните мерења, работи нешто побрзо од претходно.
Овие континуирани промени укажуваат на постепено напуштање на старите системски дијалози со цел овозможување на побрзо и повизуелно конзистентно корисничко искуство.








































