Фото: Qualcomm

Qualcomm ги најави Snapdragon 4 Gen 5 и Snapdragon 6 Gen 5, два нови мобилни чипови наменети за поевтиниот и среднокласниот сегмент. Двата чипа се направени на 4-нанометарскиот процес и доаѓаат како директни наследници на претходните генерации, со фокус на она што Qualcomm го нарекува „реални секојдневни искуства”, помазна навигација, постабилна игра и подобра автономија.

Snapdragon 4 Gen 5 е поскромната варијанта, наменета за влезниот сегмент. Има осумјадрена структура со две јадра на 2,4 GHz и шест енергетски ефикасни на 2,0 GHz, во комбинација со Adreno графички процесор. 

Подобрувањата во графиката се впечатливи, а Qualcomm тврди дека има 77 проценти подобри перформанси во однос на претходникот, што овозможува играње со до 90 fps. Чипот поддржува и две активни 5G SIM-картички во исто време.

Snapdragon 6 Gen 5 е помоќниот од двата и е насочен кон среднокласниот пазар. Има четири јадра на 2,6 GHz и четири на 2,0 GHz, со 21 процент подобри графички перформанси и 8 проценти подобра енергетска ефикасност. 

Овој чип повеќе се фокусира на играњето, па носи технологии како Adaptive Performance Engine 4.0, Snapdragon Game Super Resolution и FPS 3.0. Во делот на поврзувањето, за прв пат во оваа серија доаѓаат Wi-Fi 7, Bluetooth 6.0 и BT Channel Sounding.

Една од заедничките новини е и Snapdragon Smooth Motion UI, технологија која треба да обезбеди „помазен“ интерфејс и побрзо отворање апликации. Кај Snapdragon 6 Gen 5 ова значи 20 проценти побрзо стартување на апликациите и 18 проценти помалку заматување на екранот, додека кај Snapdragon 4 Gen 5 разликата е уште поголема, 43 проценти побрзо отворање и 25 проценти помалку заматување. Поради ова, дури и поефтините телефони треба да делуваат значително „помазно“ во секојдневна употреба.

Двата чипа за прв пат добиваат поддршка за 3GPP Release 17 и Snapdragon 5G модемскиот систем, што досега беше резервирано за повисоките серии. Од Qualcomm најавуваат дека телефоните со Snapdragon 4 Gen 5 ќе нудат над еден дополнителен час видео на едно полнење, додека Snapdragon 6 Gen 5 треба да овозможи речиси 40 минути повеќе играње.

Првите телефони со двата чипа ќе се појават во втората половина од 2026 година. Меѓу производителите кои веќе потврдија дека ќе ги користат се Honor, Oppo, Realme и Redmi.