
Instagram објави дека воведува нова алатка наречена „First Draft“, дизајнирана значително да го олесни и забрза процесот на уредување на Reels видеа.
Компанијата ја најави оваа новина преку објава на Threads, истакнувајќи дека нејзината главна цел е да го реши еден од најдосадните делови од видео продукцијата. Опцијата автоматски ги анализира избраните видео „клипови“, ги отстранува сите паузи или делови каде што нема активност и ги спојува најдобрите моменти во еден почетен резултат.
Овој процес на генерирање почетна верзија на видеото трае помалку од десет секунди, нудејќи им на креаторите солидна основа на која можат да продолжат со натамошното уредување.
Функцијата нуди флексибилност бидејќи е достапна на два начина. Корисниците можат да ја активираат директно преку камерата на Instagram додека снимаат нов материјал или пак да ја применат на веќе постоечки видеа со избирање повеќе нив од галеријата.
По автоматската обработка, креаторите не се ограничени на добиениот резултат. Тие ја задржуваат целосната контрола да го приспособуваат редоследот, да прават дополнителни кратења или да додаваат аудио пред конечно да го објават видеото на нивниот профил.
Иако оваа новина е одлична за кратење на работата и забрзување на процесот, истата ќе им се погоди како доста корисна посебно на корисниците кои немаат баш искуство и познавање на процесот на уредување на видео содржина.
За почеток, оваа новина ќе им биде достапна на корисниците на Instagram апликацијата на iOS.






































