Фото: Mozilla

Веќе е повеќе од јасно дека функциите со вештачка интелигенција ќе бидат интегрирани во скоро сите апликации и сервиси што ги користиме, односно веќе нема да бидат функции, туку интегриран и нормален дел од нив. 

Исто така јасно е дека за голем дел од корисниците ова не е нешто што е целосно прифатливо, а тоа можевме да го видиме и од реакциите на корисниците на најавата на новиот директор на Mozilla во декември минатата година, дека Firefox ќе прерасне во ВИ прелистувач. 

Поради тоа што Mozilla сепак има одреден стил на работа и покрај критиките изминатите години, во февруари во Firefox беше додаден избор за целосно блокирање на сите ВИ функции во прелистувачот или блокирање на една по една функција. 

Во разговор со CNET, директорот на Mozilla, Антони Ензор-ДеМео, открива дека можноста за блокирање на ВИ функциите во основа не се користи од страна на корисниците. 

Само 1% од корисниците ја имаат вклучено опцијата за блокирање на сите ВИ функции, додека 3% ја користат можноста за блокирање на функциите поединечно. 

Ова мора да се признае дека е до некаде изненадување со оглед на тоа што Firefox најчесто се користи од страна на корисниците кои се на нешто „повисоко ниво“, па се очекува дека доста од нив сакаат нивниот интернет прелистувач да биде само тоа, а не повеќе. 

Сепак, кога ќе се размисли, јасно станува дека корисниците во главно имаат проблем со наметнувањето на ВИ функциите, тоа можевме многу јасно да го видиме и со Windows 11, па самото додавање на избор е доволно за да нема критики, а функциите сепак се доволно корисни и потребни за да бидат исклучени. 

Ова може да биде поука и за останатите компании, а посебно Microsoft, дека функции со ВИ се корисни, но треба да се остави на корисниците да изберат дали и кога ќе ги користат. 

Ензор-ДеМео во разговорот со CNET разговараше и на други теми, меѓу кои и новиот редизајн на Firefox кој се очекуваа оваа година, наречен Project Nova

За овој редизајн тој истакнува дека покрај визуелните промени, акцентот е ставен и на брзината, па корисниците можат да очекуваат 9% подобрување на брзината на отворање на веб страните.

Пуштањето на новиот дизајн може да се очекува оваа есен, односно околу септември и октомври.