Функцијата за забрзување на системот за која пишувавме во мај кога излезе преку изборната надградба, сега официјално им станува достапна на сите корисници. Microsoft ја вклучи во редовната јунска „Patch Tuesday“ надградба KB5094126 (Builds 26200.8655 и 26100.8655), па така веќе не е резервирана само за оние што рачно ги инсталираа „preview“ верзиите.
И овојпат компанијата го избегнува интерното име „профил со ниска латенција“, а функцијата ја крие под истата генеричка ознака „General Performance“ во белешките за надградбата.
За разлика од мајската верзија, која ги забрзуваше само системските менија, сега се очекува и имплементација на функцијата и за побрзо стартување на апликациите покрај Старт менито, пребарувањето и центарот за известувања. Тоа значи дека подобрувањето што го најавивме како „следен чекор“ конечно е тука.
Принципот останува ист, односно станува збор за техниката „race to sleep“, каде процесорот накратко скока до максимална фреквенција за да ја заврши задачата за една до три секунди, по што веднаш се враќа во штедлив режим. Microsoft претходно им одговори на критичарите дека не измислува ништо ново, бидејќи слично однесување одамна користат и Apple и Linux дистрибуциите.
Како и досега, ефектот е најзабележлив кај послабите и постарите компјутери, додека помоќните машини добиваат посуптилно подобрување. Поради стратегијата на постепено активирање преку „Controlled Feature Rollout“, функцијата нема да се вклучи кај сите веднаш по инсталирањето на надградбата.
Дополнително, нема ниту известување ниту посебно копче во поставките што би покажало дали профилот е активен на конкретен уред. Единствениот сигурен начин да се провери е да се следи фреквенцијата на процесорот при отворање на менијата, на пример со бесплатната алатка HWiNFO.
Корисниците кои не сакаат да чекаат можат рачно да ја активираат функцијата со алатката ViVeTool, но сепак, ова е наменето за напредни корисници, бидејќи бара работа со командна линија и рестартирање на системот.
Инаку, забрзувањето е само дел од јунската надградба, која носи и споделување аудио преку две слушалки, поддршка за повеќе апликации со една камера, како и важни ажурирања за „Secure Boot“ сертификатите. Поради последното, ова е една од понеопходните надградби што треба да се инсталираат оваа година.







































