Фото: Shutterstock.com

X испрати официјално правно барање за прекин на работата до Nitter, популарен проект со отворен код кој функционираше како алтернативен кориснички интерфејс за објавите од оваа популарна социјална мрежа.

Правното известување, кое беше доставено до главниот развивач познат под псевдонимот „zedeus“, инсистира на целосно отстранување на сите активни инстанци на Nitter, како и на јавно достапниот код од соодветните „репозиториуми“. 

Главната причина наведена од страна на компанијата X е неовластено прибирање на податоци од нивната платформа. Ваквиот потег ја нагласува строгата политика на компанијата кон сите услуги од трети страни кои ја користат нивната инфраструктура.

Nitter досега им нудеше на корисниците можност да ги читаат објавите на платформата X преку интерфејс кој е фокусиран на заштита на приватноста, без никаква потреба од најавување или поседување активна корисничка сметка. Овој пристап беше исклучително корисен за луѓето кои сакаа да следат јавни информации и објави, без да ги споделуваат своите лични податоци со социјалната мрежа. 

Јасно е дека покрај заштитата на приватноста, ваквата можност им овозможува на доста луѓе и злоупотреба на можноста, иако пристапот во главно е до јавните објави.

Како директна последица на најновите правни притисоци, главната адреса на сервисот сега само вклучува кратка информација за случајот, но не функционира како досега.

Во информацијата на страна се нагласува дека развојот е прекинат и дека програмерот сега ќе бара правен совет за тоа како да продолжи. 

Со гаснењето на главната адреса, се очекува дека и останатите слични сервиси базирани на алтернативен пристап наскоро ќе бидат принудени да престанат со работа.